Сион го изгуби спорот со УЕФА
УЕФА во август го исфрли Сион од најмасовното Европско натпреварување, бидејќи клубот од Швајцарија на дуелот со Селтик употребил пет фудбалери кои биле ангажирани ова лето, и покрај тоа што Сион има забрана за доведување на нови фудбалери.
Сион потоа поднесе неколку жалби со цел да биде вратен во Лига Европа, а цивилен суд од кантонот Вауд пресуди во нивна корист, и издаде наредба до УЕФА, Сион да биде вратен во Лига Европа.
Европската куќа на фудбалот започна да крои планови за евентуално враќање на Сион во Лига Европа, а во исто време целиот случај стигна и до Судот за Спортска Арбитража (TAS), кој го има последниот збор кога се работи за правни процеси поврзани со спортот.
Судот за Спортска Арбитража, денеска ја донесе својата одлука, и пресуди дека УЕФА постапила правилно, па Сион нема основа за своите барања да биде вратен во Лига Европа.
Судот од Лозана, исто така му нареди на Сион да плати оштета од 40 000 швајцарски франци, пари со кои ќе бидат покриени судските трошоци.
