Азиз ја одби Македонија: Мојот сон е да играм за Турција
Сердар Азиз го одби повикот да игра за македонската репрезентација, фудбалерот на Бурса вели дека негов сон е да настапува за Турција.
Синоќа турскиот портал dha.com.tr објави дека македонскиот селектор Џон Тошак стапил во контакт со дефанзивецот на Бурсаспор, Сердар Азиз повикувајќи го да игра за нашиот национален тим.
За турскиот портал Азиз потврди дека имал контакт со Тошак кој му ветувал и трансфер во Реал Мадрид или Барселона доколку настапи за Македонија.
"Македонскиот селектор ми вети трансфер во Реал или Барса доколку настапам за Македонија. Понудата дојде ненадејно, јас имам македонско потекло, но потребно ми е време да размислам" - изјави Азиз за dha.com.tr
21-годишниот Азиз потекнува од Битола и има шанси по брза постапка да добие македонски пасош, но според последните информации тој ја одбрал Турција.
Азиз брзо донел одлука и веќе денес во изјава за официјалниот сајт на Бурса, вели дека ќе настапува за Турција.
"Мојот татко потекнува од Македонија, па од македонскиот национален тим добив понуда, но ја одбив" - вели Азиз.
"Јас сум Турчин, па мојот сон е да играм за турскиот национален тим. Се надевам дека сонот наскоро ќе ми се оствари и ќе го облечам турскиот дрес".
Азиз ги има поминато сите младински категории на репрезентацијата на Турција, но сеуште нема настап во сениорскиот тим.
