Стујарт Пирс ќе ја предводи Англија на дуелот со Холандија
Селекцијата на Англија во моментов е без селектор, откако Фабио Капело вчера си поднесе оставка поради одлуката на ФА да му ја одземе капитенската лента на Џон Тери.
Денеска на прес-конференција се појави претседателот на ФА, Дејвид Бернштајн кој соопшти дека Стујарт Пирс на привремена основа ќе ги предводи ’Трите Лава’ и ќе биде на кормилото на селекцијата на Англија на пријателскиот натпревар со Холандија.
“Можам да соопштам дека Стујарт Пирс ќе ја предводи Англија на дуелот со Холандија.” - рече Бернштајн.
“Тој има огромно искуство. Подолго време работи со селекцијата до 21 година, и беше помошник на Капело.”
“Имам голема доверба во Стујарт и верувам дека селекцијата ќе биде во добри раце.”
“Потоа, наш приоритет ќе биде назначувањето на нов селектор на Англија.”
Се говори дека Хари Реднап е најсериозен кандидат за наследник на Фабио Капело, но првиот човек на ФА не сакаше да дискутира за поединци и само најави дека во скоро време тие ќе креираат листа со потенцијални кандидати за селекторската функција на Англија.
