Јувентус пропушти можност да се врати на врвот во Серија А
Средбата на Енио Тардини најпрвин беше закажана за 31. јануари, но поради снежното невреме што тогаш ја зафати Италија, Парма и Јуве вечерва ги одмерија силите.
’Бјанконерите’ се вратија на стадионот каде што го доживеаа последниот пораз во сите натпреварувања – во април месец, Парма пред своите фанови славеше со 1-0.
Избраниците на Антонио Конте прикажаа добри перформанси, во поголемиот дел од средбата беа доминантни, но не успеаа да ги искористат креираните шанси и на крајот мораа да се задоволат само со еден бод.
Со ремито против Парма, Јувентус пропушти шанса да се врати на лидерското место во Серија А.
Милан останува на првата позиција со еден бод предност во однос на Јувентус, но ’Бјанконерите’ имаат и натпревар помалку.
На другиот вечерашен натпревар, Аталанта пред своите фанови славеше во дуелот со Џенова.
Стрелец на единствениот погодок на средбата, вреден три бода за домакините, беше Марилунго во 78. минута.
