Јунајтед и Сити со победа ја започнаа авантурата во Лига Европа

Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити триумфално го започнаа настапот во Лига Европа, и славеа на гостувањето кај Ајакс односно Порто

По елиминацијата од групната фаза во Лигата на Шампионите, двата гиганти од Премиерлигата сега важат за главни фаворити за трофејот од најмасовното Европско натпреварување.

 

Вечерва, Јунајтед и Сити солидно ја започнаа авантурата во Лига Европа, и си обезбедија победи на гостински терен во 1/16 финалето.

 

’Црвените Ѓаволи’ се покажаа како пресилни за Ајакс и со 2-0 славеа на Амстердам Арената.

 

Резултатот беше отворен во 59. минута, кога по една долга акција Ешли Јанг се ослободи од Анита и биеше низ нозете на голманот Вермер за водство од 1-0.

 

На пет минути пред крајот на средбата, Јунајтед направи значаен чекор кон осмина-финале. Валенсија украде една топка на средината од теренот, гостите тргнаа во брз против напад, а по двојното проигрување помеѓу Руни и Ернандез, Мексиканецот ја затресе мрежата на Ајакс за конечни 2-0.

 

’Граѓните’ имаа негатива од 1-0 на полувремето од средбата со Порто, но Манчестер Сити како победник замина од Драгао Стадионот.

 

На истекот на 27. минута, Силвестре Валера ги донесе домакинтие во водство на асистенција на Хулк, но гостите направија комплетен пресврт во вториот дел.

 

Најпрво Алваро Переира постигна несреќен авто-гол во 55. минута за 1-1, а во финишот на средбата Кун Агуеро му донесе на Манчестер Сити триумф од 2-1.

 

Во уште една дерби пресметка од 1/16 – финалето во Лига Европа, Атлетико Мадрид со 3-1 славеше на гостувањето кај Лацио.

 

Во 19. минута од средбата во Рим, голманот на Атлетико лошо реагираше при еден удар од огромна далечина на Антонио Кандрева, до одбиената топка прв стигна Клосе, кој рутински реализираше и го донесе Лацио во водство од 1-0.

 

Пет минути подоцна Атлетико го изедначи резултатот преку Адриан, а до финишот на првото полувреме гостите од Мадрид поведоа и со 2-1. Диего упати топка во срцето на петерецот, а Фалкао, кој беше осамен на втората статива без проблем ја затресе мрежата на Лацио.

 

При еден брз против напад во 63. минута, истиот фудбалер ги постави конечните 3-1 за Атлетико Мадрид.

 

Со погодокот на Адам Махер во 35. минута, АЗ Алкмар обезбеди минимална победа од 1-0 во дуелот со Андерлехт.

 

Евроголот на Мехмет Топал беше доволен за Валенсија да триумфира со 1-0 на гостувањето кај Стоук, а победа од 1-0 на гости забележа и Твенте во дуелот со Стеауа. Ола Џон беше стрелец на погодокот за Холанѓаните.

 

Металист со една нога е во осмина-финале откако со убедливи 4-0 славеше на гостувањето кај Салцбург. Во два наврати во листата на стрелците се запиша Кристалдо, а по еден погодок постигнаа Таисон и Девиќ.

 

На добар пат за пласман во следната рунда е и тимот на ПСВ, откако Холанѓаните со 2-1 славеа на гостувањето кај Трабзонспор. Матавз и Тоивонен за само десет минути игра му донесоа на ПСВ водство од 2-0, а Адин намали на 2-1 во 33. минута.

 

Спортинг Лисабон, првиот тим што го имаше чекирано билетот за нок-аут фазата, обезбеди реми од 2-2 на гостувањето кај Легија Варшава, и покрај тоа што домакините во два наврати имаа предност.

 

Локомотив Москва со пресврт во второто полувреме стигна до победа од 2-1 во дуелот со Атлетик Билбао, а од еден гол негатива успеа да се врати и Хановер во дуелот со Клуб Бриж, за на крајот Германците да триумфираат со 2-1.

 

Плзен и Шалке одиграа 1-1, а истиот резултат беше забележан и на средбата помеѓу Висла Краков и Стандард.

 

На дуелот Удинезе-ПАОК немаше погодоци.


Најчитани

Фудбал на ТВ

Сабота

19.05.2012


Канал 5, 20:45

Лига на Шампиони: Баерн Минхен - Челзи

 

 

 

Анкета

Кој ќе триумфира во Лигата на Шампионите?

Вкупно гласови: 1444
Баерн Минхен [46.40%, 670 гласови]
Челзи [53.60%, 774 гласови]