Меси постигна четири погодоци, Барса ја демолираше Валенсија
На Камп Ноу, Валенсија дојде во водство во 9. минута со погодокот на Пиати, но потоа на сцена стапи Лионел Меси.
Во 22. минута, Аргентинецот го изедначи резултатот со удар од речиси мртов агол, а пет минути подоцна Меси ја искористи несигурната интервенција на голманот на Валенсија и направи комплетен пресврт.
Во 75. минута, Меси го комплетираше својот хет-трик, а во 84. минута стави точка на одличната вечер со прекрасен лоб удар.
Конечните 5-1 беа постигнати во судиското надополнување, а стрелец на погодокот беше Чави.
Атлетик Билбао се искачи на четврата позиција на табелата по победата од 3-0 во дуелот со Малага.
Средбата беше решена во второто полувреме кога домакините имаа фуриозни три минути. Аморебиета го отвори резултатот во 58. минута, а потоа следеа и два брзи погодоци на Сан Хосе и Токеро.
Мајорка славеше со убедливи 4-0 во дуелот со Виљареал. Касадесус беше двоен стрелец а по еднаш во листата на стрелците се запишаа Марти и Нунес.
Гранада успеа да се врати по водството на Реал Сосиедад, и пред своите фанови да забележи победа од 4-1.
Гонзалез ги донесе гостите во водство во 10. минута, но Лопез две минути подоцна го изедначи резултатот. Потоа во вториот дел со погодокот на Хара и двата гола на Уче, Гранада направи комплетен пресврт и прокнижи нови три бода во борбата за опстанок.
Возбудлив натпревар со осум погодоци одиграа Леванте и Рајо Ваљекано, а на крајот гостите се радуваа на победа од 5-3.
Лас стрелаше прецизно за водство на Ваљекано, Баркеро со удар од белата точка изедначи на 1-1, а потоа следуваа два погодоци на Коста и нов гол на Лас за убедлива предност на гостите од 4-1.
Суарез намали на 4-2 во 79. минута, Делибашиќ во 85. минута ја врати предноста од три погодоци за гостите, а во завршните мигови од средбата, Суарез со својот втор погодок само го ублажи поразот и ги постави конечните 5-3 за Ваљекано.
Средбата помеѓу Спортинг Хихон и Атлетико Мадрид заврши 1-1.
